Неделава, возејќи се низ Србија, го слушав Тоше Проески. На радио, водителот вели: „А, сега, еден од најголемите регионални хитови во последниве 15-ина години“. И, ја пуштаат „Вежи ме за себе“ која Тоше ја сними во 2007-ма, а се најде на неговиот последен албум „Игра без граница“. 

Регионален хит-албум тоа лето, 2007-мо, беше објавен во две верзии: хрватско-српска и македонска. Песната „Вежи ме за себе“ го носи антологискиот стих „Заувијек твој, потписујем“, кој, како лајт-мотив не врзува за Тоше, и 14 години по неговото трагично ненадејно заминување. Сите ние кои го сакавме... 

Во просториите на дискографската куќа „Хит Рекордс“ во Загреб, се потсетува на Тоше.  

Пред големата фотографија, на која е музичката легенда со бел гулаб во раце, зборувам со Марио Руњиќ, кој во „Хит Рекордс“ се грижи за медиумско претставување на песните на изданијата. За него, нема дилема дека по прераното заминување на Проески, остана ненадоместлива бездна, која се поклопува и со кризата, која на некој начин глобално ја погоди дискографската индустрија. 

По златното доба на дискографијата во 80-те години на минатиот век, чудните 90-ти, и неизвесниот нов милениум, со заминувањето на Тоше Проески, најголемата регионална ѕвезда во последниве две децении, ништо веќе не е исто.  

Во периодот на повторното будење на винилот, компакт-дисковите како да се губат во трката со времето. Новата mp3 генерација веќе и не го препознава уредот на кој можат да се репродуцираат CD-ата. Нив ги заменија USB портовите, дигиталните платформи, Spotify, Deezer… На нив денес живеат песните на Тоше. 

Можеби е време „Хит Рекордс“ да подготви една обемна винилна компилација на Тоше, или за прв пат на овој формат да биде поместен антологискиот албум „Игри без граници“?! Веќе сега можам да ја осетам убавината на звукот на некој добар грамофон, со песните кои ги испеа момчето кое повторно ги градеше урнатите мостови во регионот. Момчето кое од ѕвезди замина во легенди. Кога мостоградителот замина, мостовите останаа. Тоа се неговите песни кои болат и греат. Кои не потсетуваат на едно поинакво време и на една посебна личност. 

На 14-та година од смртта на Тоше, Александра Насковиќ, која е задолжена за промотивните активности во „Хит Рекордс“, на својот фејсбук-профил напиша:

- „Многу нешта можат да се кажат и да се раскажат, но не е потребно... Песните и спомените, кои остануваат, и денес, по 14 години, зборуваат најдобро и најубаво за тебе.“

За дружењето со Тоше, соработката и празнината која остана по неговото заминување, неодамна за „Анторис Радио“ зборуваше композиторот Мирослав Рус, прв човек на „Хит Рекордс“:

– „Тоше Проески во мојата работа, и во мојот живот, пријателството, е најголема радост и најголемата тага. Да познаваш некој, како што беше Тоше Проески, и тој да ја отпее твојата песна, а тој ги пееше подобро отколку јас ги пишував… Тоа беше небесна личност, ангел… Тоа го мислев и пред да се случи трагедијата. Можете да бидете горди на него. Беше и остана најголемиот македонски амбасадор. Иако физички не е тука, неговото присуство е и понатаму силно.“ 

За антологиската „Игри без граници“, Рус за „Анторис“ раскажа: 

– Јас таа песна никому не сакав да ја дадам. Еднаш се возевме во кола, и Тоше менуваше цедеа во плеерот. Налета на цеде, на кое пишуваше – „Мирослав Рус – песните кои не сакам никому да ги дадам“. Ме праша дали може да ги слушне, и јас му дозволив. Прво ја слушна таа – „Игра без граница“. Кажа – „Гаси автомобил, се враќаме назад, одиме да ја снимиме“. 

Во таа песна, со мојот талент одлично се вклопи и Никша Братош со аранжманот, и секако, најголемиот од сите – Тоше. Тоа е песна над песните. Јас така ја доживувам. Тоше ја сними од прва, без повторување. Кога излезе од студио, ме праша: „Русе, дал’ сам добро отпевао?“ Му кажав дека ја отпеа подобро од што јас ја напишав. Таков човек каков што беше Тоше се повторува еднаш во илјада години. 

Кога зборуваме за Тоше, времето не постои. Тој е вон времето. И после илјада години, кога од нас нема да има ништо, тој ќе биде пример за тоа како треба да се пее. Не знам дал’ подобро пееше на концерти, во бекстејџот, додека се подготвуваше, или во ресторан, на приватна забава. Кога пееше Тоше, помислував дека целата вселена е моја...“

Тоше во Хрватска и понатаму е сакан и почитуван. Не е заборавен, оти како наследство зад себе ги остави тешко достижните човечки и музички вредности. 

Една недела пред трагичниот 16-ти октомври 2007-ма, кога загина во сообраќајна несреќа кај Нова Градишка, со песната „Игра без граница“, Тоше беше прв на радиските топ-листи во Хрватска. 

Песната во 2008-ма на Мирослав Рус му донесе Порин за Хит на годината, а овој извонреден композитор и човек таа награда ја смета за нивниот заеднички успех. Сепак...

- „Иако замина како првопласиран на топ-листите, заради слабата флексибилност на некои луѓе кои тогаш работеа околу наградата Порин, самиот Тоше не ја доби оваа статуетка. Се борев со сите сили тоа да не биде така, но срцата на тие луѓе тогаш останаа тврди. Во годината кога во Хрватска Тоше беше недопирлив и број 1, замина без Порин за пејач на годината“ – изјави Мирослав Рус на 14-та годишнина од прераната смрт на Тоше Проески.

Дека Тоше Проески во неговата Македонија исто така е сакан и обожуван, покажуваат бројните текстови, написи и фејсбук-статуси на познати личности кои го чуваат споменот на Тоше. Посебно на денот кога пред 14 години се ни се урна неповратно... Животот и делото на Тоше Проески детално се опишани во книгата „Ова не е крај“, на новинарката Соња Алексоска Неделковска, која од неодамна повторно е во продажба. 

И таа прекрасна книга, како и многубројните фанови, со нивните приказни и фотографии, го чуваат споменот на човекот кој прерано замина, а зад себе остави толку многу. Затоа, со право, сите го сакаат и го сметаат за свој. Вистинска универзална вредност! Слава му и фала му за се што направи за музиката.

Иван Беќковиќ