
Почетокот на јуни донесе одмрзнување на цените и страв кај граѓаните од падот на нивната куповна моќ, неизвесност, која, колку и да сме храбри, носи страв и несигурност. Со секое поскапување, не само нашата платежна моќ, туку и нашиот социјален статус паѓа за скала или две подолу, што е посебна болка на секого; едноставно тоа го доживува како деградација на својата личност и авторитет, зашто секој сака да влезе во погорната социјална група, а не во подолната.
Но, за тоа милост, ни жал, ни разбирање немаат тие што ги набиваат цените, зашто во вакви воени и кризни ситуации, пазарните закони се суспендираат и стапуваат на сила законите на военото профитерство. Еднаш освоенте цени веќе никогаш нема да се намалат на предвоеното ниво, профитите се огроми. Дури човек може да помисли дека постојат монструозни желби кај ладните профитери дека тие живеат за вакви моменти на криза и на војна.
Речиси сите држави во светот презедоа и преземаат мерки за ублажување на инфлацијата, но тие не можат да се оддржат на подолг рок, бидејќи економијата си работи врз пазарни принципи, односно секое стегање - ќе пукне на друга страна, така е во економијата.
Нашите економски власти тврдат дека цените на прехранбените производи нагло се намалуваат, што не е точно. Никој не ги „испушта“ од рака еднаш освоените цени. Никој не ја испушта шансата, зашто така се прават огромните профити, односно екстрапрофити. Само тој што не купува секојдневно, може да поверува во тврдењето на економските рководители.
Во право се граѓаните што се револтирани од бесмисленото, безобразното и бескрупулозното покачување на платите на функционерите од огромни 78%. Да, нивните плати беа мали во споредва со платите на европските функционери, но сега се несразмерно високи во споредба со македонскиот стандард и неодстижни за граѓанинот со просечна плата. Зарем не мислат на политичките ефекти од овој потег, или се мисли само краткорочно и за себе. Тогаш функционерот го губи својот авторитет и докажува дека функцијата ја користи за сопствена финансиска полза. Никој од населението не разбира и не е должно да разбере дека поради укинување на некојси член од страна на некојси суд, во некојси закон - на функционерите им е овозможено да си ги покачат платите за толкав огромен износ. А тие си молчат, сметајќи на народната навика за брзо заборавање и играјќи на картата за фалби за изградба на големите коридори, кои, сепак, се подалечна иднина. Животот на човекот му е важен сега и овде!
Пазарен хаос
Нема ефекти од мерките против увозниците на овошје и зеленчук кои прикажувале лажни фактури при увозот. Односно, тие можеби и ќе ги платат казните, но се работи за пресметан ризик, односно „казната им се исплатува“. Цените на зелените пазари се до плафон, замислете -краставици 70 ден/кг. Цените на градежните материјали – вреќа цемент 430 ден, пред кризата 270 ден.
Големите маркети заработија кривични пријави затоа што не ги почитувале мерките за замрзнати цени, но властите изгледа не знаат дека газдите на тие маркети се многу повични во трговските манипулации од младите и недоквакани инспектори.
Ситуацијата во светот
Мала утеха за ваквата ситуација можеме да најдеме во сличните примери во светските економии кои се однесуваат исто како и нашите трговци. Многу корпорации ја искористија инфлацијата да ги зголемат цените и да ги оддржуваат на тоа високо ниво, па дури и по цена на падот на продажбата. Сите значително ги подигнаа своите маржи, а во тоа се истакнуваат најголемите компании за производство и пакување продукти и производи за широка потрошувачка, потоа енергетските компании и автомобилската индустрија. Тие корпорации се правдаат со факторите/причините од почетокот на 2021 година што ја предизвикаа инфлацијата.
Европските земји, како Шпанија и Германија се обидоа да ја намалат оваа неправда со воведување своевидни „даноци на солидарност“ со цел да им ги намалат екстрапрофитите, пред се на енергетските гиганти. Но, тие компании зголемувањето на цената на своите прозиводи и услуги ги правдаат со зголемувањето на платите на работниците, па така инфлаторната спирала постојано расте. Слично се случува и со автомобилската индустрија и во секторот сообраќај. Податоците на светските специјализирани списанија покажуваат дека цената на секое возило што го продава Мерцедес-Бенц се зголемила за 43 % од 2019 година досега, иако во меѓувреме се нормализирани сите патишта на снабдување што ги имаше пореметено пандемијата и војната во Украина. Слична е приказната со цените на авионските билети.
Сличен пример имаме во домашното покачување на платите, но трагедијата е во тоа што кај нас платие растат само во јаниот сектор од кој се зема просекот за просечната плата и се создава привид дека се живее се’ подобро, зашто просечната плата достигнала 35 илјади денари, ама каде, во кои компании? Прехранбената исдустрија продолжува да ги зголемува малопродажните цени, иако трошоците за производство на храната се паднати на нивото од пред почетокот на инфлацијата.
Кога владата ќе ја изгуби моќта и желбата за да ги совлада апетитите на креаторите на инфлацијата, кои преку надуените авторитети на стопанските комори и нивните вечни претседатели постојано се жалат дека владините мерки не им одговараат, па заземаат позерски став со наместени сериозни фаци, облечени во скапи костуми, на народот ништо друго не му останува – или да трпи до коска, или да протестира во организација на синдикатите, во кои најчесто има политички прсти, или да се зголеми бројот на бездомници и питачи. Единстведно сидро и за државата и за граѓаните е цврститот курс на денарот што се оддржа во последниве 30тина години.
Трагедијата е во тоа што потрошувачите никој не ги прашува за ништо. Take, or leave it!