
Златото и натаму останува златна резерва за сигурност на секоја економија. Затоа последниве години, откако светот влезе во несигурни вртлози, тоа повеќе се бара, цената му расте. Научниците велат дека во периодите на геополитички тензии, на економска нестабилност и на висока инфлација, залатото се јавува како најсигурна резерва што некоја земја може да ја има. Тоа е универзално и секаде е прифатено за разлика од хартиените валути. Златните резерви влеваат доверба во економијата и во валутата на таа земја.
Македонските официјални девизни резерви, на крајот на октомври 2024 година, изнесуваат 4 милијарди и 975 милиони евра и во однос на претходниот месец бележат зголемување за 568,9 милиони евра. Најголем дел од девизните резерви се пласирани во хартии од вредност (63,4%), по што следуваат валутите и депозитите (25%) и монетарното злато (11,4%). Овие златни проценти, во апсолутни бројки инзесуваат околу 7,7 тони и вредат околу 526 милиони евра.
Пазарот на злато во текот на оваа година минува низ вртоглави скокови на цените. Речиси секој месец бележат нов рекорд. Како што велат стручњаците, во сегашниот економски амбиент, во кој растот на економијата е нестабилен и повеќето земји се опоравуваат од рекордната инфлација, златото стана многу привлечна инвестиција, и за централните банки и за граѓаните.
Повеќето земји што купуваат злато, го третираат како штит од инфлацијата, го сметаат како инвестиција за сигурно засолниште и со најмал ризик.
Соединетите американски држави, Германија и Италија се на врвот по резерви на злато, додека Кина и Русија забрзано ги зголемуваат, што го потврдува стратегиското значење на овој метал во денешниот свет.
Цената на златото на светскиот пазар деновиве изнесува околу 2.501,61 евра по унци (31,1 грам), што одговара на приближно 80,22 евра за грам.
Овие вредности се подложни на дневни промени поради глобалната економска ситуација, инфлацијата, вредноста на американскиот долар и на геополитичките случувања.
Важно е да се напомене дека цените на златото се формираат според понудата и побарувачката на светските берзи, при што Лондонската берза (LBMA) има клучна улога, во одредувањето на цената два пати во денот, во 10:30 и 15:00 по локално време.
Берзите реагираат на конфликтите и нестабилноста. Веднаш по руската инвазија на Украина, цената на златото го достигна максимумот од 2.074 долари по унца, а слично се случи и по разгорувањето на војната во Газа.
Во време на вакви кризи берзанските играчи веднаш се ориентираат кон сигурни инвестиции, како што е златото, за да се заштитат од потенцијални последици за економијата.
Таа грижа за стабилноста на финасиската страна се гледа во високите резерви на злато на развиените земји:
Соединетите американски држави умаат 8.133 тони, Германија околу 3.355 тона, Италија - приближно 2.452 тони, Франција околу 2.437 тони, Русија околу 2.299 тони, а Кина има нешто помалку од 2.100 тона, но се проценува дека нејзините вистински резерви се многу поголеми. Од регионов, Бугарија има 40,8 тони, а веднаш зад неа е Србија со 38,5 тони која е во средината во регионов и во Централна и Источна Европа по висината на златните резерви.
Значително влијание на цената на златото има американската монетарна политика. Инвеститорите будно ја следат секоја одлука и сигнал на Федералните резерви (ФЕД). Ако проценат дека одлуката на Централната банка на Америка може да доведе до скок на инфлацијата, веднаш купуваат злато, за однапред да се заштитат од тој скок.
Во последниве 50 години немало никаков значителен пад на цената на овој благороден метал. Во согласност со меѓународната практика средствата од класата „актива“ што ја чинат девизните резерви можат да се чуваат во земји во странство со почитување на три основни принципи на управувањето со резервите: сигурност, ликвидности и профитабилност.