Скопјанецот Никола Илиевски неодамна тргна со реновирање на станот и брзо заклучи дека до термин многу тешко се стигнува. Се соочува со долги редови и кај „специјалистот“ за подно греење и кај оној за монтажа на прозорци.

„Ми требаа добри препораки и многу преговори. Предизвик е и цената, разликата од една до друга понуда за истата работа како е разлика како меѓу „мерцедес“ и „фиќо“. Сега, стравувам мајсторот што почна да работи во меѓувреме да не побегне на друга „тезга“ па да го чекам да се врати, оти и тоа се случува“, вели Илиевски.​

Во целата земја има регистрирани околу 8.000 самостојни занаетчии и преку 20.000 фирми кои се бават со занаетчиска дејност, според Занаетчиската комора на Македонија. Само во Скопје активни се 2.198 занаетчии, покажуваат официјалните податоци од локалната комора.​

За поправка на апарати, реновирање или градба на инфраструктура постојано недостасува персонал.

„Недостигаат мајстори во сите бранши - особено ѕидари, автомеханичари, автолакери, пекари, слаткари...Доволно има само фризери и козметичари“, вели Агрон Фазлији, претседател на Националната комора на занаетчии.

„И кај автомеханичар се закажува термин - ако сејавите сега, ќе ви рече да дојдете по една недела, ако не и за подолго. Сега да побараме десет заварувачи во цела држава, нема да ги најдеме. Во цела нова зграда, само тројца лепат плочки. Искусните заминаа во земјите каде нивниот труд повеќе се плаќа“, додава Фазлији.​

Оваа криза се забележува не само преку времето на чекање, туку и преку огласите за работа кои остануваат без одговор. На пример, една пекарница во Куманово со месеци бара искусни пекари и слаткари, а огласот од пред Нова година донесе само две биографии за помошници.

„Последниот оглас го пуштивме пред Нова година. Досега стигнаа само две биографии, а и тие се за помошници пекари. Мајстори нема. Ретко се јавува некој, а и кога ќе се јави, е без искуство“, велат од пекарницата. Таму пекарите земаат 40.000-45.000 денари, додека во Скопје истите профили доаѓаат до 70.000 денари. „Некои занаетчии месечно можат да заработат повеќе од луѓе кои завршиле факултет. Добра заработка имаат златарите, мајсторите кои местат клими, електричарите“, потврдуваат од Комората.

За споредба, наставник со над 15 години стаж во основно зема околу 40.000 денари.​

Лепење плочки чини 1.500-1.800 денари по метар квадратен (25-30 евра), вадам стари плочки 4-7 евра, промена на водовод во тоалет околу 800 евра, а уривање ѕид со шутокинг над 500 евра. Граѓаните се жалат дека цените за рачна работа растат месечно.

Од Занаетчиската комора во Скопје објаснуваат дека цените се одредуваат според трошоците за материјали и бизнис, но со оглед на куповната моќ. „Причината за поскапување на услугата е поскапување на трошоците за репроматеријали и трошоци за водење занаетчиски бизнис“, велат од таму.

„Дејности кои што се неопходни во текот на секојдневниот живот, како на пример водоводџија, плочкар, тапетар, паркетар, инсталатер на парно греење се занимања кои се помалку се достапни на граѓанинот и поради тоа и цените на нивните услуги растат. Овие занаети допрва стануваат привлечни како идна професија на младиот човек затоа што растат цените на услугите во овие дејности“, додаваат од Комората.

Еден гипсар со 20 години искуство се жали дека работа има предостаточно, но партнери нема – па клиентите мора да чекаат.

„На клиентите им кажувам дека ќе треба да ме почекаат, затоа што не се постигнува да завршам кај сите што сејавуваат. Што се однесува до цената на гипсарските работи, на сите ни стана животот скап, мене ми поскапеа материјалите за работа, алатот, па и доручекот“, вели тој.​

Освен емиграцијата, проблемот доаѓа и од поранешното потценување на стручните училишта во полза на гимназии и канцелариски професии. Сега трендот се менува: за 2025/2026, од 27.600 места во средно, гимназиите добиваат 7.900, а стручните околу 18.000. Во 2024, 12.000 од 17.000 новозапишани избрале стручно. Државата и Стопанската комора го шират дуалното образование, каде над 550 компании нудат пракса со ментори и опрема, а МОН плаќа стипендии од 3.500 денари месечно.​

Сепак, Фазлији смета дека дуалното нема да го реши дефицитот, бидејќи 40% од стручните ученици одат во здравство и заминуваат за ЕУ.

„И дуалното образование има големи проблеми. Треба да се стимулираат и менторите на учениците, фирмите не се обврзани да ги вработат учениците кои биле на пракса кај нив. Државата треба да им даде бенефиции на тие фирми, да направи целосна стратегија како да ги задржи мајсторите тука и како да ги инспирира младите да го прифатат занаетот како избор за егзистенција“, предупредува тој.

Анкета на Стопанската комора од ноември 2024 до јануари 2025 кај фирми со 4 милијарди евра инвестиции и 39.000 вработени покажа дека 93% се соочуваат со недостиг на инженери, технички кадри и оператори.