Обединетото Кралство со децении нема изградено нова нуклеарна централа, а сега се соочува со еден од најголемите инфраструктурни предизвици во својата историја - проектот „Hinkley Point C“. Сместена на јужниот брег на каналот Бристол, во Сомерсет, ќе биде најскапата нуклеарна централа во историјата- вредна 55 милијарди евра.

Проектот е зафатен од бројни проблеми - од огромни доцнења и регулаторни пречки до ескалација на трошоците и спорови за животната средина - што го прави Hinkley Point C „кошмар“ за Оbedinetoto Kralstvo.
Децениско доцнење
Британската нуклеарна индустрија имаше силен почеток уште во 1950-тите, кога Калдер Хол стана првата нуклеарна централа која комерцијално произведуваше електрична енергија. Но, последната нуклеарна централа во земјата е изградена во 1980-тите, а многу од постоечките реактори сега се при крај на својот животен век.
Додека Обединетото Кралство се соочува со енергетски предизвици и транзиција кон поодржливи извори, владата донесе одлука за изградба на нуклеарната централа „Хинкли Поинт Ц“, која ќе обезбедува седум отсто од вкупната електрична енергија во Британија и ќе снабдува шест милиони домови, пишува градежниот портал „Б1М“.
Проектот уште од самиот почеток наиде на бројни пречки. Договорот беше потпишан во 2016 година, а проценетите трошоци тогаш беа 18 милијарди фунти, а завршувањето се очекувало до 2025 година. Сепак, поради сложеноста на изградбата, построгите британски регулаторни барања и непредвидените тешкотии, трошоците се искачија на 46 милијарди фунти (55 милијарди евра), а завршувањето сега се очекува дури во 2031 година.
Нови реактори, стари пречки
Hinkley Point C е првиот британски проект кој го користи EPR (European Pressurized Reactor), реакторска технологија развиена од француската енергетска компанија EDF, која е и главен изведувач на проектот. Овие напредни реактори трошат 17 проценти помалку ураниум од претходните генерации и се опремени со четири безбедносни системи кои штитат од потенцијални катастрофи. Иако тие веќе се користеа во Франција и Финска, нивната имплементација во Британија бараше 7.000 регулаторни прилагодувања, што ја забави работата.
Изградбата на ваков комплексен објект бараше употреба на повеќе од 50 кранови, вклучувајќи го и Биг Карл, најголемиот земјен кран во светот. Само за темелите на еден реактор се употребени 9.000 кубни метри бетон, односно вкупно е употребен 25 отсто повеќе бетон и 35 отсто повеќе челик отколку во споредливи европски проекти.
Еколошки предизвици и отпор на локалната заедница
Иако нуклеарните електрани често се предмет на контроверзии поради нивниот отпад, една од најголемите еколошки грижи на проектот Hinkley Point C е всушност се рибите. Нуклеарните централи бараат огромни количества вода за ладење на реакторите, а за Hinkley Point C се изградени тунели долги осум километри кои ќе црпат до 120.000 литри вода во секунда од Бристолскиот канал. Стручњаците предупредуваат дека може да се вшмукаат голем број риби, поради што ЕДФ планира систем за нивно ловење и враќање.
Британските регулатори, исто така, повикаа на инсталирање на акустични уреди за одбивање риби, но EDF сега ја оспорува таа одлука, тврдејќи дека технологијата е „непрактична и недокажана“. Наместо тоа, се предлага да се создадат нови мочуришта за да се компензира штетата направена врз екосистемот, што предизвика отпор кај локалните земјоделци и совети бидејќи ќе бара потопување на стотици хектари обработливо земјиште.
Што носи иднината?
И покрај сите проблеми, британската влада не се откажа од нуклеарната енергија и планира да изгради уште осум нови реактори до 2050 година, а Hinkley Point C ќе служи како модел за идните проекти, вклучувајќи го и Sizewell C, планиран како нејзина точна копија.
ЕДФ тврди дека се научени вредни лекции и дека изградбата на втор реактор во Хинкли ќе биде 20-30 проценти поефикасна. Еден од клучните предизвици секако е недостатокот на квалификувана работна сила - по децении без изградба на нуклеарни централи, било потребно долго време да се обучат работниците и да се обезбедат синџири на снабдување. Сега се очекува дека овој процес ќе се забрза. (Тпортал)