Брендот „В’К“ е прва лозова ракија од семејна дестилерија со акциза за продажба. Овој домашен бренд е прва македонска лозова ракија произведена од мала семејна дестилерија  - индивидуален земјоделец „ ЈЈ Јованов“ со акциза за продажба.  Дестилеријата во сопственост на индивидуалниот земјоделец, Јорде Јованов е лоцирана во Демир Капија, од каде и самиот потекнува.

 

Брендот „В’К“ е прва лозова ракија од семејна дестилерија со акциза за продажба

Љубовта кон лозјето нашиот соговорник ја носи од детството. Неговото семејство, традиционално со години одгледувале лозје и сами си го преработувале. Семејната традиција на производство на ракија трае повеќе од  70 години или некаде од 1940 година со првите почетоци на дедо Најдо Јованов. Така и Јорде си ја продолжил семејната традиција. Меѓутоа со брендирањето, односно со легализацијата на производството од семејната дестилерија се зафатил бидејќи во текот на минатата година законот даде можност за регистрација.

 Успеав да си ја легализирам работата


Со Законот за акцизи, односно подзаконскиот пропис: Акциза кај земјоделци – мали производители на жестоки алкохолни пијалаци којшто стапи на сила од 31.12.2020 година, Јованов вели: -успеав да си ја легализирам работата. Успеав да извадам акциза за мојата ракија „В’К“ и легално да ја нудам. Всушност, јас сум првиот индивидуален земјоделец што доби акциза- дозвола за пласман на алкохол. Паралелно додека јас ги организирав потребните документи според инструкциите на институциите, дознав дека имаше уште четири барања за легализација на приватно-индивидуално производство на ракија.“

Акциза кај земјоделци – мали производители на жестоки алкохолни пијалаци.  На произведената количина на литар жесток алкохолен пијалак под услов годишното производство да не ја надминува количината од 2500 литри жесток алкохолен пијалак со просечна јачина од 45%, во распон од +/- 5% алкохол, земјоделците плаќаат акциза во следните износи: 0,00 (нула) денари во првата година; 10,00 денари во втората година; 20,00 денари во третата година и 30,00 денари од четвртата година па натаму сметано од 01.01.2020 година

Именувањето на ракијата, иако за многумина изгледа доста специфично, Јованов, објаснува дека е инстиктивно, од дијалектичкиот изговор на зборот, волк во овој крај. Понесени од она народната, дека волкот ги следи своите инстинкти, Јорде смета дека и ние луѓето, водени од својот инстинкт за опуштеност, пожелно е после работа да се релаксираме со по една чашка ракија на семејната трпеза.

- Брендот „В’К“ е прва ракија што јас ја легализирав како регистриран индивидуален земјоделец во системот на царина, а преку Агенција за храна и ветерина добив и дозвола за квалитет.

Мајсторијата е во дестилацијата


Производството е традиционално. Имам ѕидан казан од 300 литри –класичен од инокс со капак од лужен бакар. Мајсторијата е во дестилацијата. Кај мене производот е секогаш ист, бидејќи лозовите насади се мои, не набавувам друго грозје. Одгледувам вранец, смедеревка, ризлинг и шардоне. А, дестилатот е од целиот грозд без дршки. Според мене при дестилацијата е важно да се внимава на температурата на пареата. Во континуитет го следам и процентот на алкохол во единица волумен алкохол на литар пареа (процентот на алкохол се изразува во мешавина на алкохол и вода). Ги следам и аромите, а процентот на алкохол не смее да надмине 45 степени.

Со законот сме обврзани на количество од 2.500 литри годишно во посебен режим на акциза. Нашата акциза е поевтина од таа на големите производители. Според Законот акцизата за мали семејни производители за првата, 2020 година беше нула проценти. Годинава е 10 денари по литар за ракија од 45 степени плус минус пет степени, “објаснува Јованов.

Во принцип користам нови француски буриња „Тонели барон“ и не ги користам повеќе од две полнења, затоа што ако ги користам подолго ќе добијам коњак, а јас сакам ракија.

Квалитетот на ракијата зависи од дестилатот


Нашиот соговорник раскажува дека од кога е роден е во лозје. Тој располага со лозови насади на еден хектар во атарот на селата, Дрен и  Прждево во Демир Капија. Годишно има род од 13 до 15 тони грозје што е доволно да произведе  2.500 литри ракија.

Водејќи се од своето искуство, Јованов објаснува дека за да се добие квалитетна ракија, најважен е процесот на стареење (одстојување). Тој вели дека токму во тоа е тајната на добриот алкохол. Затоа и признава дека нема резерви од повеќегодишно „лежење“ на ракијата. Туку низ смеа вели дека -најстарата ракија во мојот подрум е  прекланската.“

Инаку тој е убеден дека квалитетот на ракијата зависи од дестилатот. „ Јас вадам ракија со силен дестилат од 52 до 53 степени и потоа ја чувам во буриња, кои не се употребени повеќе од една година.

Во принцип користам нови француски буриња „Тонели барон“. И не ги користам повеќе од две полнења, затоа што ако ги користам подолго ќе добијам коњак, а јас сакам ракија. А, жолтата боја ракијата ја добива од бурето.

„За да произведам 1000 литри „В’К“ ми треба две француски и две македонски бочви (беровски или крушевски)  “ објаснува Јованов.

Капацитетот на дестилеријата, односно  казарницата  е 300 литри, а еден турнус трае девет часа. Што значи дека во сезона на берба можам да преработам  речиси еден тон грозје дневно, односно да добијам до 200 литри ракија.

 Од септември-нов бренд:мускатна ракија


Тој дообјаснува дека со озаконувањето на производството си доаѓаат и пазарните придобивки, подобар пласман и поголема цена. Па така, ракијата која на пазар ја продавал за 200 денари, сега со акциза чини 350 денари.

Според Законот како мал производител, Јованов вели дека нема право да продава во малопродажната мрежа. Но има можност да продава во специјализирани  продавници за алкохол и хорека индустријата, по ресторани и кафеани.

Инаку, Јорде Јованов е машински инженер, работел и со трговија со валути во менувачница, бил финансиски советник, осигурителен брокер. Но, иднината ја гледа во сопствено производство, а верува дека децата ќе го продолжат овој семеен бизнис.

 

Иднината ја гледа во сопствено производство, а верува дека децата ќе го продолжат овој семеен бизнис.

Како во секој бизнис, кога ќе постигнете одреден успех размислувате за следен развоен чекор. Така и Јованов размислува од годинашната реколта, во септември да произведе околу 100-тина литри мускатна ракија од сортното мирисливо мускатно грозје. И како што вели: ќе се трудам со сите сили нашиот семеен бизнис за производство на ракија не само да ми биде основна дејност, туку во иднина да ја развиеме до степен на мала семејна компанија. Бизнис што верувам и се надевам ќе го продолжат и моите деца.

М. Балдазарска