На компилацијата, меѓу 12-те најдобри женски вокали во светот, што ја отсликуваат традицијата на своите земји преку музика, се најде и песна од албумот на Биља Крстиќ – „Седи мома на високо“. 

Оваа песна е компонирана кон крајот на 19 век, а благодарение на пејачката, родена во Ниш, целиот свет сега може да ја слушне. 

Компилацијата „A Woman*s world - songs of resilience and hope“ е објавена од британската куќа ARC Music и вклучува песни од уметници од целиот свет - од Колумбија до Русија. Запрашана да ја прокоментира прекрасната вест, Биља за „Анторис“ изјави:

– Прекрасно е кога ќе добиете потврда за она што го правите, преку награди и признанија, а особено што она што го правите е почитувано и одобрено од светски експерти од разни национални и културни структури.

За мене е голема чест да се најдам во прекрасно друштво на избрани пејачки Women in the world of World Music со песната „Седи мома на високо“ на оваа прекрасна компилација ‘A Woman’s World’ songs of resilience and hope (2018), која ја претставува моќта на жените ширум светот/ издавачката куќа е ARC музика од Лондон.

Песната „Седи мома на високо“ се наоѓа и на последниот албум на „Бистрик“ – „Свод“. Песната е со исклучителна убавина и е многу стара, од 1880 година. Познатата професорка Зора Васиjeевиќ ме упати и на неа.

Познато е дека женските балкански гласови имаат своја гласовна особеност, која е препознаена и разликувана… А, нашиот народ вели дека женскиот глас е како жуборење на вода или игра на ветер – им дава ритам на детските соништа и работите во куќа и на поле; гласот за дружење и осаменост, за радост и тага – како тенка нишка е врската помеѓу минатото и иднината, помеѓу реалноста и сонот; за што и да пее – се создава звучна слика што не се заборава – потенцира Крстиќ, ексклузивно за нашиот портал.

Биља Крстиќ беше единствената од Балканот што се најде во ова одбрано друштво, каде што ја претстави традицијата на својата земја со стара српска песна.

Инаку – последниот албум на Биља Крстиќ и нејзиниот „Бистрик“, насловен – „Свод“ го објави токму оваа англиска издавачка куќа.

Според издавачите, компилацијата е тематски албум со песни од успешни пејачки и композиторки ширум светот, кои ги шират своите лични пораки за силата, мирот, тешкотиите и успехот.

Албумот, како што опишуваат, е глобално патување во кое се величаат жените и нивната сила. Тие напишаа кратка биографија за секој уметник на албумот и го опишаа нивниот музички жанр.

Музиката изведена од Биљана Крстиќ и Бистрик е фузија, мешавина од традиционална етно музика, а капела песна и етно-грув импровизација со модерен музички пристап.

Нивната цел е да го преточат фолклорот во современа уметност – наведуваат во описот на изведувачот на српската песна.

Инаку, Биља Крстиќ е на сцената повеќе од 40 години, а со години наназад таа собираше записи со изворна музика, додека со бендот „Бистрик“ комбинира традиционални звуци и модерни аранжмани.