Вкупниот промет на Македонска берза минатата година достигна 9,6 милијарди денари, што спореденио со 2024 година претставува намалување за 28,46 проценти.
Меѓутоа ако се погледне вкупниот промет по години во последните 10 години се гледа нагорно движење и раст од 260,39 проценти, односно од 2,6 милијарди денари во 2015 на 9,6 милијарди минатата година.

Прометот со акции од тргување во БЕСТ лани изнесува пет милијарди денари. Сума која ако се спореди со претходната година е намалена од 27,86 проценти , но гледано во последната декада, од 2015 до 2025 година, промет со акции од тргување во БЕСТ е зголемен за 248, 22 проценти. Односно од 1,4 милиони во 2015 на пет милиони во 2025 година.
Пазарната капитализација во 2025 година се заокружи на 357,1 милијарди денари што во споредба со претходната година е зголемена за 1,74 проценти, но во однос на 2015 година бележи значителен пораст од 247,29 проценти. Односно од 102,8 милијарди во 2015 година на 357,1 милијарди денари во изминатата година.
Ваквиот промет во текот на 2025 година е реализиран преку 19.616 трансакции што споредено со 2024 година покажува опаѓање за 17,4 проценти. Меѓутоа гледано наназад по години во последната декада од 2015 година се забележува континуиран раст од 65,2 отсто.
Најтргувани акции
ТОП три најтргувани акции од Официјалниот пазар на Македонска берза (БЕСТ) кои остварија најголем промет се акциите на Комерцијална банка со 1,8 милијарди денари, Алкалоид со 1,3 милијарди денари и Макпетрол со 0,5 милијарди денари. Во оваа група се вбројуваат и акциите на Стопанска банка Скопје и НЛБ Банка Скопје, покажува Годишниот статистички билтен.
Со акциите на Комерцијална банка се направени вкупно 6.987 трансакции. Истргувани се 64,374 акции со просечна цена на акцијата од 28.651,62 денари. Потоа следуваат: Алкалоид со истргувани 49.006 акции преку 4.824 трансакции со просечна цена 27.468,23 денари. Макпетрол со истргувани 4485 акции преку 1.264 трансакции со просечна цена 112.231,25 денари. Стопанска банка Скопје преку 1.534 трансакции продала 110.306 акции каде просечната цена на акцијата била 2.899,70 денари, и НЛБ Банка Скопје преку 1.050 трансакции истргувала 4.938 акции по просечна цена на акцијата од 57.941,76 денари.
Покрај овие пет акции, десетката на најтргувани акции ја дополнуваат акциите на Реплек , Гранит, Македонијатурист, Македонски Телеком и ТТК Банка.
Акции со најголем раст
Инаку најголем пораст на акциите минатата година во споредба со 2024 година бележат акциите на ВВ „Тиквеш“ Кавадрци и тоа од 48,02 проценти. Потоа акциите на Адинг Скопје од 45,45 отсто. Акциите на Фустеларко Борец Битола се зголемија од 28,51 процент. Додека ТИТАН Усје бележат раст од 27 проценти и акцијата на АЛТА Банка Битола порасна за 25,90 проценти.
МБИ 10
МБИ 10 ја заврши 2025 година со износ од 10.054,59 индексни поени. Индексот на петгодишно ниво до 2020 покажува раст од 113,71 процент, додека на 10 годишно ниво од 448,45 проценти.
Ценовните движења на елементите во МБИ 10 на годишно ниво во однос на просечната цена по акција, споредени со 2024 година ги имаат следните движења: Алкалоид бележи минус 11,52 проценти; Гранит Скопје, минус 15, 54 проценти; Комерцијална банка Скопје, минус 2,09 проценти; Макпетрол покажува раст од 19,63 проценти; Македонијатурист раст од 16,53 отсто; Стопанска банка Скопје минус 11,83 отсто, ТТК Банка пад за 15,38 отсто; Македонски Телеком, раст од 15, отсто; НЛБ Банка Скопје има раст од 0, 42 отсто и Реплек Скопје пад од 2,10 отсто.