
Да се има авторитет меѓу сограѓаните, роднините и пријателите треба да се биде чесен човек, но треба и да се биде и среден, барем пристојно облечен и со видливи хигиенски показатели. Така е и со дражавите, колку и да е средена државата, таа се цени и по нејзината економија и според нејзината валута, всушност тоа е причинско-последична врска. Не бадијала Швајцарија е на добар глас, ем чиста, ем нејзиниот франк е една од најстабилните и најсигурните валути. Одамна е поминато времето на романтизмот во кое важеше гордата поговорка „The clothes no make man“, демек – „облеката не го прави човекот“, што е точно, но во исто време е утеха за тие што не можат да си дозволат пристоен животен стандард, барем што личи на европскиот.
Македонија ниту е чиста, ниту нејзиниот денар некој го смета за некаква стабилана и авторитетна валута која би се купувала и акумулирала за „црни денови, или за „недај боже“, ниту некој подалеку од блискиот регион има чуено за денарот кого Централната банка го држи на инфузија во сооднос со еврото - 1 спрема 61,5 денари. На домашен терен, засега, денарот се држи стабилно, токму поради законската поврзаност со еврото, депозитите во денари се високи и банките се добро капитализирани. Но, прашање е дали денарот има некој авторитет надвор од нашите граници, односно дали менувачниците без проблем го менуваат за нивната или за светските валути?
Според нашата анализа, на домашен терен македонскиот денар е делумно конвертибилен (заменлив) за тековни трансакции (трговија, услуги, дознаки), може да се разменува во странска валута (евра, долари и сл.) преку банки и менувачници. Не е целосно конвертибилен за сите видови капитални трансакции (постојат одредени регулативи).
Но, денарот не се користи како меѓународна резервна валута и ретко се тргува надвор од земјата, не е широко меѓународно конвертибилна валута, што значи дека не може слободно да се менува во повеќето земји во светот.
Нашиот денар може да се менува во соседните земји: Србија, Бугарија, Грција, Албанија, Косово и тоа не секогаш, ограничено и не во сите банки! Во тој случај обично курсот често е неповолен и размената не е гарантирана.
Во повеќето други земји (на пр. Германија, Швајцарија, САД итн.) денарот практично не се менува, или, да бидеме реални, никој можеби и не слушнал дека некаков „денар“ може да се откупи и потоа да се пушти во оптек за трговски цели.
Зошто? Затоа што акумулацијата на денарот не е сигурна за црните денови, затоа што и опстанокот на змејата не е сигурен, единствено што можеме да се пофалиме дека имаме 7 тони злато, што е многу помалку од Србија и од Бугарија, но повеќе од Црна Гора, БиХ и Косово. Зошто би го откупувал некој денарот со таква авторитет, кога може да ја продава сопствената валута на македонскиот пазр, па граѓните да патуваат со вистински конвертбилни валути, еврото, доларот, швајцарскиот франк, англиската фунта и другите.
Можеме да заклучиме дека македонскиот денар е само формално конвертибилен за тековни трансакции, но не е целосно слободно конвертибилен во сите аспекти. Ова значи дека може слободно да се купува и продава за девизи (евро, долар и сл.) за трговија, услуги, патувања, школување во странство, странски компании можат да префрлаат добивка, но постојат одредени регулативи за движење на капиталот (особено за некои финансиски инвестиции).
Меѓународен монетарен фонд (ММФ) има т.н. Член VIII (Article VIII) кој значи дека една земја нема ограничувања за тековни плаќања. Македонија е членка на Член VIII на ММФ, што значи дека денарот е конвертибилен за тековни меѓународни трансакции, нема рестрикции за плаќања поврзани со трговија и услуги, но, не е како еврото или доларот – не е глобално тргувана валута.
Долгови и трговскиот дефицит
Сега навлегуваме до делот на надворешниот долг на земјава кој е тоавар огромен товар на нашата слаба економија, чија задолженсот изнесува околу 62 процента од БДП, и има голем трговски дфицит во размената со странство
За целата 2025 година, трговскиот дефицит изнесувал околу 3,504 милијарди УСД (долари). Тоа значи дека увозот бил повисок од извозот за тој износ во текот на годината.)
Често пати луѓето што знаат да развезат муабет пред маалската продавница знаат да речат дека и Америка е презадолжена, па и ќе се распадне поради долгот, па високиот долг е оправдан за Македонија, што воопшто не е така. Американскиот долг е контролиран долг по основа на емитување државни обврзници со ниски камати, што значи вложување на тие што ги купуваат тие обврзници во сигурна валута, иако е на слободен пазар, но е и меѓународно седство за плаќање, па така вулгарно речено Америка работи со туѓи пари, или уште повулгарно - Америка си е должна самата на себе.
Ова е сосема спротивно на македонските долгови и маки:
На крајот на 2025 година, вкупниот јавен долг на државата изнесувал околу 10,1 милијарди евра, од кои околу 5,5 милијарди евра се надворешен (односно должени на странски кредитори), а околу 4,6 милијарди евра се внатрешни обврски (како државни обврзници во Македонија).
Кои се главните надворешни кредитори
Државниот долг не е едноставен „долг само кон една земја“, туку се состои од неколку видови задолжувања кон различни меѓународни институции и финансиски пазари:
Меѓународни финансиски институции:
Меѓународен монетарен фонд (ММФ) – Македонија има заемни аранжмани со ММФ, што ја прави оваа институција еден од значајните кредитори.
Европска банка за обнова и развој (ЕБОР) – дава кредити за проекти и реформи.
Меѓународни капитални пазари
Државата издава еврообврзници што ги купуваат инвеститори од светот (банки, инвестициони фондови и други институции). Тоа значи дека дел од долговите се кон институции/инвеститори од Европа, САД и други пазари.
Билатерални кредити
Кредити од странски влади/банки – пример е кредит од Унгарија (Експорт-импорт банката), во висина од неколку стотици милиони евра.
Нема „една земја“ која е најголем кредитор, ризикот се „распределува“ кај повеќе кредитори, а државата мора да ги враќа обврските според договорени рокови и камати.
Како домашната валута да се направи авторитетна, конвертибилна, препознатлива во целиот свет и средство за меѓународни плаќања?
За такво нешто првин треба Македонија да се претвори во научна лабораторија која светот ќе го изненади со некое досега невидено откритие, на пример за производство на евтина енергија, или некоја техничка иновација што ќе направи уште една револуција во животот на човештвото, како што го направи тоа појавата на компјутерот и софтверот или светски користениот оперативен систем windows-от, и да го понуди на пазарот од што веднаш ќе се натрупа суфицит во државниот буџет. Тоа не може и не смее да остане само на еден бренд, треба неколку такви генијални дострели за светот да се заинтересира за нашите произоди, да се зголеми побарувачката на денарот за да се купат тие брендови од нас, па така и ние заедно со денарот да станеме горди. Тој пат го имаат поминато развиените земји чии валути денеска се главни „фраери“ во размената. Значи за тоа треба да поминат векови, особено за нас кои наместо во науката вложуваме во безброј избори, редовни, вонредни, во трошење државни пари за изборните кампањи, за алиментација на огромната државна администрација и во луксузирање како да сме некоја голема светска сила. Попусто ни се фалбите дека сме некој важен фактор на светската сцена, со високи долгови, со голем трговски дефицит и со најниска просечна и минимална плата во Европа.