Некаде во исто време кога на Раде Шербеџија му беше откажан концертот во Винковци, регионалналната музичка сцена е збогатена за две нови исклучителни музички изданија.
Книга „Rockanje u Vinkovcima“ на Ивица Аничиќ, и двојна CD компилација со вкупно 46 песни, кои претставуваат пресек за она што претставувала некогаш музичката сцена во овој хрватски град.
Каква врска има Шербеџија со Винковци, со рокенролот?
Голема! Винковци се негов град, таму порасна, таму се формираше во уметник достоен за светски сцени. Тоа е град кој прв ја забележа неговиот музички талент, за што пишуваше во една претходна книга „Rock u Vinkovcima“ на Желимир Ж. Ивковиќ. Но, тоа е некоја друга приказна...
Затоа, фактот да не му се дозволи на Раде Шербеџија да има концерт во неговото Винковци, како што самиот кажа, е чисто политикантство, и нема никаква врска со рокенролот. Без оглед на изговорите, зошто одлуката е таква или оваква.
Она што Ивица Аничиќ го претстави во книгата „Rockanje u Vinkovcima“ е сериозна опсервација на сцена која изнедри едни од најголемите рокенрол и андерграунд уметници на овие простори. Тука пред се мислам на Горан Баре од „Мајке“, на неговиот алтер-его лик Хали Гали Халид, но и на починатиот, но никогаш заборавениот Сатан Панонски.
Но, не се само тие. Тука се и „The Karambol“, „Покварена машта“, „Погреб Х“, „Шпилшул“, „Каотичне душе“, „Бренер депилација“...
Двојниот албум и вкупно 46 песни се вистинска антологија на богатата музичка сцена во Винковци. Голем дел од снимките сега се објавени за прв пат, што му дава посебна убавина на изданието.
И, навистина, ретко која сцена во регионот изнедри толку многу off уметници, рокери, кои упорно одбивајќи да станат меинстрим, влетаа и останаа во легенда.
Не дека немало музика. Пула, Ријека, Сплит..., па големите центри... Но, такво количество на underground, што извршило толкаво влијание врз регионалната сцена, за што и денес се кажува и прераскажува, не е забележано на ниту едно друго место на овие простори.
И, ако тоа веќе требаше да се случи за да се препознае комплетната сцена со години, можеби ова е најдобриот момент да се рекапитулира целото нејзино уметничко патување. Денес, кога сме пасивирани и анестезирани од разни медиуми и ситуации, убаво е да се потсетиме и да ги слушнеме уметници кои создаваат дела што ги отсликуваат нивните автентични емотивни состојби, без заштитна мрежа, без воздржување, со сета своја сила.
Ова е можеби најважното нешто што можеме да им го кажеме на денешните млади и на сите идни генерации, дека нивните емоции се автентични и дека не треба да се потиснуваат и да се прават дека не постојат.
...А, се започна во шеесетите години на минатиот век, кога во Винковци се одржуваа танцови забави, на кои блескаа, жареа и палеа култните бендови, воодушевувајќи ја публиката изведувајќи светски рок хитови, но и авторски песни.
Со текот на годините, градот разви клима погодна за млади луѓе кои се разликуваа од нивните вообичаени ставови, стил на облекување и начин на размислување, а сето тоа кулминираше во 80-тите, со појавата на неколку изведувачи кои засекогаш ќе останат запишани во антологијата на регионалната рок музика.
- Во наезда на забавно-диско-фолк звукот, кој доминираше на тогашната сцена и медиуми, ретко кој можеше да насети дека во Винковци, на целата музичка сцена на тогашната држава, се подготвува вистинска рок инвазија. Тоа беше едно од славните времиња на овој град, кога навистина сакавте да живеете во него.
Имавме свој свет, во кој нашите суперхерои беа оние што ги гледавме секој ден, одевме на училиште, ги посетувавме истите места, јадевме и пиевме со нив, се дружевме и разговаравме за тоа што прават и што планираат... се вели во предговорот на книгата, кој го напиша Горан Челиг.
Капитално дело, без оглед што на прва топка не изгледаше така...
***
Да му се вратиме на Шербеџија, од почетокот на текстот. Одборот за доделување на наградата „13 Ноември“ на Град Скопје спроведе тајно гласање. Од областа на меѓународна награда добитник е Раде Шербеџија.
Иван Беќковиќ
- Во наезда на забавно-диско-фолк звукот, кој доминираше на тогашната сцена и медиуми, ретко кој можеше да насети дека во Винковци, на целата музичка сцена на тогашната држава, се подготвува вистинска рок инвазија. Тоа беше едно од славните времиња на овој град, кога навистина сакавте да живеете во него.
Имавме свој свет, во кој нашите суперхерои беа оние што ги гледавме секој ден, одевме на училиште, ги посетувавме истите места, јадевме и пиевме со нив, се дружевме и разговаравме за тоа што прават и што планираат... се вели во предговорот на книгата, кој го напиша Горан Челиг.