„Арел невромаркетинг“ - Реакцијата на купувачите е потсвесна, вели Јасна Стоимировска-Величков, основач на „Арел невромаркетинг“. Тоа е интегрирана невромаркетинг-лабораторија, која ги комбинира техниките на невронауката, психологијата и маркетингот за да ја подобри комуникацијата меѓу брендовите и потрошувачите.

На 23 јуни, во Скопје, се оддржа интересна трибина на тема „Запознавање со принципите на невромаркетингот“. Во своето излагање предавачот Јасна Стоимировска Величков објасни дека станува збор за користење напредна биометриска технологија и на вештачка интелигенција. Со неа се истражуваат потсвесните реакции на купувачите, поттикнати од одредена маркетинг порака, реклама, пакување, производ…
Таа, од искуствата од истражувањето со овој метод, објасни дека мозокот на купувачот има селективен филтер и не обрнува внимание на голем дел од пораките, туку најчесто одлуките ги донесува емотивно како последица на стари навики и на рутината. Новитетите го привлекуваат вниманието, но истовремено значат и неизвесност.
Денес многу компании се потпираат на невромаркетингот
Јасна тврди дека денес многу компании се потпираат на невромаркетингот како перспективна област која може да им помогне да ја намалат неизвесноста што доаѓа со пласирање нови производи на пазарот.
Невромаркетинг истражување за однесувањето на купувачите се врши со: следач на поглед вгарден во очила, мерачи на интензитет на емоција, електроенцефалографија (ЕЕГ) за мерење на електричните импулси на мозокот, модул за вештачка интелигенција за препознавање на емоции од лице и слично.
За една невромаркетинг-лабораторија да биде целосно опремена и функционална, потребно е да поседува: соодветна опрема и хардвер, софтверско решение со модули за истражување и експертиза за управување. Јасна открива дека лабораторијата ги користи најновите методолошки техники, кои се користат за интеграција на физиолошки и невронаучни истражувања.

Технологијата и софтверот се набавени од Данска, Финска, Ирска, Шпанија и од Шведска.
Услугите на лабораторијата се поделени во шест категории.
Првата е евалуација на рекламни кампањи, која овозможува компаниите да ги потенцираат основните вредности на брендот пред целната публика и да го предвидат успехот на видео, дигиталните или на печатените реклами.
Втората категорија услуги е развој на брендот – во зависност од тоа дали станува збор за дизајн, пакување или позиционирање. Како резултат на проучувањето на потсвесните перцепции за брендот се гради уникатен идентитет, кој е во согласност со стратешките цели на компаниите.
Следна е услугата за оптимизација на продажбата, односно преку истражувања во супермаркети поврзани со купувачкото искуство, промоциите и конкурентноста, се нуди увид во целокупната когнитивна состојба на купувачот и се даваат препораки за најфункционално сценарио.
Дигиталната трансформација е за компании што имаат веб-страници, онлајн-продавници и профили на социјалните мрежи, а се заинтересирани да го подобрат пребарувачкото искуство на корисниците и да го насочат нивното внимание кон клучните цели на дигиталните содржини.
Петтата категорија услуги е тестирање на производи и услуги, односно пред пласирањето на храна, пијалаци, апликации, игри или слично на пазарот се идентификуваат аспектите што влијаат врз искуството на потрошувачите и соодветно се приспособуваат пред да бидат пласирани.
Последната категорија услуги што „Арел невромаркетинг“ ги нуди е едукацијата преку организација на предавања, обуки и семинари.

„АРЕЛ НЕВРОМАРКЕТИНГ“ е продолжена рака на конвенционалниот маркетинг
Придобивките од користењето на невромаркетиншките техники и методи при пласман на нови производи се очигледни за двете страни. За купувачите тоа значи – производи со додадена вредност и транспарентна комуникација. А, за компаниите – намален ризик при предвидување на идниот успех на новите производи и значителна заштеда на време и материјални средства. За супермаркетите тоа значи: ефективни полици при пласирање квалитетни нови производи што ќе бидат успешни и ќе донесат нови приходи рече, Стоимировска Величков. Таа додава дека купувањето не е рационална одлука, туку е одлука донесена импулсивно врз основа на меморија и емоциона врска помеѓу брендовите и купувачите.
„АРЕЛ НЕВРОМАРКЕТИНГ“ почнува со работа од таму кај што завршува конвенционалниот маркетинг, а тоа е човечката физиологија.
„Нашите истражувања не се засновани на мислења, туку на научни факти кои произлегуваат од напредна биометриска технологија за истражување на потсвесните реакции поттикнати од одредена маркетинг порака. Ваковиот тип на согледувања не се видливи на друг начин!“, вели Стоимировска Величков
Главните активности во „Арел невромаркетинг“ се предводени од три члена на тимот со интернационално работно искуство во водечки компании за истражување на трговските пазари, а лабораторијата соработува и со надворешни консултанти.
„Арел невромаркетинг“ е проект кофинансиран од Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР), под инструментот за поддршка „Кофинансирани грантови за комерцијализација на иновациите“.
За основач на „Арел невромаркетинг“
Јасна Стоимировска-Величков е дипломиран економист на Универзитетот „Оксфорд Брукс“ во Оксфорд (ВБ), на кој ги завршува и магистерските студии по меѓународен менаџмент. Образованието го продолжува на одделот за континуирана едукација на Универзитетот „Оксфорд“, насока психологија. Со невромаркетинг почнува да се занимава во 2012 година, за време на студиско истражување во универзитетот, а со практично знаење се стекнува на обуки за биометриски невромаркетинг-техники во Данска и во Холандија.
Член е на светската бизнис-асоцијација за невромаркетинг (NMSBA), а се појавува и како предавач на првата Македонска академија за адвокати. Има широко познавање за FMCG-секторот, стекнато од долгогодишното работно искуство во „Нилсен“, Оксфорд. Основач е и сопственик на „Аграр ко“, компанија што оперира во консултантскиот сектор и прехранбената индустрија.