- Остварен финансиски резултат
Цементарница УСЈЕ АД Скопје во 2020 година оствари позитивни финансиски резултати искажани во неревидираните консолидирани Финансиски извештаи доставени до СЕИ Нет на Македонска берза.
Според остварените консолидирани резултати од работењето Цементарница лани од продажба на готови производи на домашниот пазар остварила 3.283.369.000 денари. Односно 68 отсто од приходите. Додека во 2019 година продажбата на домашниот пазар изнесувала 3.163.589.000 денари, односно 66 отсто од вкупниот пласман.
Вкупно од двата пазара лани се инкасирани 4.849.561.000 денари.
Добивка пред финансиски трошоци , даноци, и амортизација достигнала 1.857.414.000. Нето добивка за 2020 -1.522.156.000.
Поради пандемија со корона, 2020 година беше многу непредвидлива година. Како последица првите неколку месеци по избувнувањето на пандемијата економијата се блокираше и сите сценарија беа песимистички. Подоцна, во јуни-јули, градежните активности повторно започнаа, обидувајќи се да ги повратат загубите во претходните месеци и побарувачката за цемент се зголеми. И покрај непредвидливоста годината ја завршивме успешно, дури и подобра од претходната со зголемена продажба на цемент на домашниот пазар за 3,2 отсто во споредба со 2019 година. Извозот во Косово остана на исто ниво, но подобрување имаше на бугарскиот пазар, и како краен ефект, вкупната продажба на цемент беше поголема за 3,2 проценти во споредба со 2019 година. Нашиот пазарен удел е 74, 9 проценти и е незначително намален во однос на 2019 кога истиот беше 76,5 проценти. Ова намалување воглавно се должи на зголемениот увоз од Бугарија.
- Приходи (продолжува)
Во услови на криза со пандемијата Ковид-19, секторот за готов бетон и агрегати и годинава успеа да генерира солидна ЕБИТДА, што е многу значајно затоа што се генерира во услови на исклучително голема конкуренција. Продажбата на готов бетон беше приближно иста како и претходната година или околу 3,1 процент помалку во споредба со количините од минатата година и во однос на предвидените количини, продажбата се намали за 14,6 проценти. Продажбата на агрегати од трети страни е значително намалена во споредба со претходната година и во однос на буџетите, за околу 54 отсто.
Приходите од продажба на материјали и суровини на странски пазар во износ од 55.598.000 денари се однесуваат на продадени цигли, кугли итн на поврзани страни.
Приходи од закупнина во износ од 17.420.000 денари се состои од објекти дадени под закуп на трети лица во износ од 12.663.000 денари, земјиште дадено под закуп на трети лица во износ од 2.220.000 денари и земјиште дадено под закуп на поврзани страни во износ од 2.537.000 денари.
Вишокот на производи во износ од 8.469.000 денари се состои од 2.227.000 денари поврзани со недовршеното производство, како и вишок на резервни делови и тоа констатирано и утврдено за време на спроведувањето на годишниот попис со состојба 31 декември 2020 година и 6.242.000 денари кои се констатирани во текот на редовните активности на Друштвото.
Актуарските добивки од резервација за користите на вработените во износ од 989.000 денари се однесуваат и се резултат на искуствените проценки и промени во актуарските претпоставки пресметани на годишно ниво од страна на независни актуари со употреба на проектирана метода.
- Расходи (продолжува)
Оперативни расходи (продолжува)
Оперативните расходи содржат гориво за печките, електрична енергија, суровини, трошоци за концесии, трошоци за плата, услуги за одржување (машинско, електро и градежно), обезбедување, контрола на квалитетот на производите, калибрација, интелектуални услуги и останати трошоци и расходи од работењето.
Надоместокот за подржување на продажбата во износ од 60.697 илјади денари се однесува на надоместок на Цемент Плус за посредување во продажните зделки на Косовскиот пазар и изнаогање на купувачи на истиот.
Набавната вредност на продадени материјали и суровини во износ од 54.833 илјади денари се однесува на 54.309 илјади денари продадени цигли, кугли, итн на поврзани страни и 524 илјади денари продадени на трети лица.
Надоместок за користење на Хоризонталниот млин во износ од 16.164 илјади денари се однесува на годишен надоместок платен на Милко за доработка/мелење на петрол коксот.
Кало, растур, крш, расипување и кусок на стоки во износ од 22.117 илјади денари се состои од 19.676 илјади денари нормиран износ на петрол кокс, клинкер и пепел, како и 291 илјади денари кусок на резервни делови и потрошен материјал плус 2.149 илјади кало, растур констатирани за време на редовно спроведениот попис со 31 декември 2020 година.
Трошокот за реструктурирање во износ од 11.871 илјади денари е поврзано со спогодбено заминување на вработените во пензија.
Износот од 7.228 илјади денари се однесува на актуарските загуби и дополнителните финансиски трошоци за тековни услуги кои произлегуваат од искуствените проценки и промени во актуарските претпоставки пресметани на годишно ниво од страна на независни актуари со употреба на проектирана метода.
Според деловниот план за 2021 година, Цементарница УСЈЕ АД Скопје очекува умерено зголемување на продажбите на домашниот и странскиот пазар и во комбинација со подобрувањето на производните трошоци да постигне зголемување на оперативна профит.
Деловниот план од 2020 година беше остварен приближно 95% и покрај забавените градежни активности поради корона пандемијата.